2 Corinthians 4
1 Затоа, имајќи го по милоста Божја ова служење, ние со духот не паѓаме;
2 но се одрековме од тајните срамни дела за да не живееме во лукавство, ниту да го изопачуваме словото Божјо, туку со јавувањето на вистината да се покажеме на секоја човечка совест пред Бога.
3 Ако, пак, е покриено нашето благовестие, тоа е покриено за оние што гинат;
4 ним богот од овој свет им ги заслепил умовите нивни, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христа, Кој е образ на невидливиот Бог.
5 Оти ние себе не проповедаме, туку Христа Исуса Господа; што се однесува, пак, до нас, ние сме ваши слуги поради Исуса.
6 Оти Бог, Кој некогаш заповеда од темнината да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исуса Христа светло.
7 Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да Му се оддава на Бога, а не нам.
8 Во сѐ сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж;
9 нѐ гонат, но не сме изоставени; нѐ кутнуваат, но ние не загинуваме.
10 И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господа Исуса, така што и животот Исусов да се открие во телото наше.
11 Зашто ние, живите, постојано се изложуваме на смрт заради Исуса, та и животот Исусов да се открие во нашето смртно тело,
12 така што смртта да дејствува во нас, а животот – во вас.
13 Имајќи го, пак, тој ист дух на верата, како што е напишано: »Поверува и затоа зборува«, и ние веруваме, па затоа и зборуваме,
14 знаејќи, дека Кој го воскресна Господа Исуса и нас ќе нѐ воскресне преку Исуса и ќе нѐ постави со вас.
15 Зашто сѐ е заради вас, та благодатта, откако се преумножи, преку мнозина да произведе уште поголема благодарност за славата Божја.
16 Затоа ние не паѓаме со духот; но, ако нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се подновува.
17 Зашто нашите сегашни лесни страдања ни донесуваат во голема изобилност вечна и полна слава,
18 имајќи го предвид не видливото, туку невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото – вечно.